
Второлигашот Осогово ги започна подготовките за новата сезона, откако вчера шефот на стручниот штаб Крсте Крстев ја имаше првата прозивка со што фудбалерите се собраа на првиот состанок, а потоа и го одработија првиот тренинг на Градскиот стадион „Никола Мантов“ во Кочани.
Сите фудбалери се појавија на првата прозивка на Крстев, а „жетварите“ имаат и неколку засилувања за новата сезона. Костурот на тимот воглавно е сочуван, а притоа истиот беше освежен со неколку нови играчи.
Во тимот на Осогово пристигна голманот Симон Стојковски кој доаѓа од Каменица Саса, а со него од ланскиот второлигаш од Македонска Каменица доаѓа и напаѓачот Даријан Трајнов. Меѓу „жетварите“ пристигна и Давид Бошески фудбалер од средниот ред кој последно го носеше дресот на Кожуф.
Одбраната е засилена со Мартин Радуловиќ Величковиќ кој доаѓа од редовите на Тетекс, а второлигашот од Кочани се засили и со двајца млади фудбалери од Брегалница, се работи за Ненад Малинов и Алекс Димитров.
Осогово договори и четири пријателски натпревари преку кои ќе се проверува формата, првиот тест ќе биде против третолигашот Победа Валандово закажан за 22 јули кој ќе се игра во Валандово, потоа на 25 јули ќе има тест против Еуромилк ГЛ кој ќе се игра во Кочани, следува третиот пријателски меч од контролен карактер против Работнички на 31 јули во Скопје, а пак „генералката“ ќе биде против Тетекс во Кочани закажана за 8 август.
Осогово минатата сезона одигра фантастична сезона откако заврши на шестото место на табелата и беше позитивно изненадување со најдобар резултат во последната деценија, а притоа имаше силна поддршка и од верните „Сејмени“ кои покрај поддршката за својот Осогово на домашен терен, даваа силна поддршка и на гостувањата, а новата сезона која стартува на 15 август, Осогово ја отвара против Беласица во Струмица, потоа следува ново гостување кај дебитантот Камјани, а првиот домашен меч Осогово ќе го одигра во рамки на третото коло, кога во Кочани ќе гостува тимот на Новаци.
Александар Ванев, М-Нет