
Минатата година СДСМ индиректно криејќи се позади Владата го кочеше развојот на Штип, а овојпат на седницата на Советот директно гласаа против, истакна на прес-конференција советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалцијата. Обврзницата не значи задолжување, туку раздолжување, велат тие.
„СДС гласаше против продолжување на булеварот „Партизанска“. СДС е против изградба на обиколница од булевар „Гоце Делчев“ до населба Ново Село преку населба Пребег. СДС е против уредување на градскиот пазар, СДС е против набавка на фотонапонски панели за производство на електрична енергија со капацитет на производство од 800 киловат/час на кровните површини на јавните објекти во општина Штип. СДС е против набавка на турбина за искористување воден притисок од проток на вода во филтер станицата на ЈП „Исар“ и СДС е против реализацијата на други капитални проекти согласно со програмата за работа на Општина Штип“, истакна Душко Иванов, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Од ОО СДСМ Штип, пак, во писмено соопштение реагираа дека СДСМ секогаш ќе го кочи расипништвото и неодговорното празнење на општинската каса. Посочија дека кога ВМРО-ДПМНЕ ветувале проекти во предизборната програма, требало да им кажат на граѓаните дека ќе ги задолжат.
„СДСМ стоел и ќе стои против расипништвото на ДПМНЕ. СДСМ е отворено против недомаќинскиот и неодговорен однос кој ДПМНЕ го има кон парите на граѓаните. Со чиста совест и посветено на граѓанските интереси, советниците од редовите на СДСМ гласаа против неодговорно задолжување и празнење на општинската каса. ДПМНЕ зборува за проекти, но за ниту еден не дава предвидена вредност. Тоа им отвора многу простор за манипулации. Дополнително, ДПМНЕ сака да се задолжува за проекти кои ги ветиле во сопствената предизборна програма, во која не им кажаа на штипјани дека планот им бил да ја однесат општинската каса во минус.“ – стои во реакцијата на СДСМ.
Ребека Спасова М-Нет