„И покрај добрата дигитална подготвеност на граѓаните, прифаќањето електронски плаќања кај малите трговци е ограничено и претставува голем предизвик за платниот систем во земјава.“ Ова беше истакнато од вицегувернерот на Народната банка Игор Величковски на отворањето на работилницата „Премостување на јазот кај прифаќањето на електронските плаќања од страна на трговците: Форум на засегнатите страни за заклучоците и следните чекори“, организирана во соработка со Светската банка.
Тој посочи дека земјава има силна основа за дигитални плаќања, со тоа што 84% од граѓаните поседуваат платежна сметка, тројца од четворица жители кои поседуваат платежна сметка примиле или испратиле плаќања преку дигиталните канали, а покриеноста на територијата на државата со интернет и мобилна мрежа е над 90%. Сепак, повеќе од 90% од плаќањето стоки и услуги кај малите трговци сè уште се извршуваат во готовина. Во земјава кај приближно 16.700 трговци има околу 36.000 уреди на кои се прифаќаат плаќања, што покажува дека прифаќањето е концентрирано и нееднакво, особено кај малите бизниси.
Величковски нагласи дека главниот проблем не е дали граѓаните можат да плаќаат дигитално, туку дали малите трговци можат да го прифатат тоа дигитално плаќање. „Малите трговци сè уште ги сметаат електронските плаќања за скапи и сложени“, истакна тој, додавајќи дека решението е во нови, поедноставени модели на прифаќање.
Според него, конкретните чекори што ќе го намалат јазот се: воведување инстант плаќања до крајот на годината преку клонот на ТИПС, развиен од Банката на Италија за земјите од Западен Балкан согласно одлука на Европската централна банка, и придружните услуги како национален интероперабилен код за брз одговор (QR) што ќе може да се користи од сите корисници на платежни услуги независно од давателот на платежни услуги, плаќања преку едноставни идентификатори (алијаси), инстант потврда за секоја трансакција, развивањето на т. н. „Барање за плаќање (услуги)“ и дополнително развивање мобилни апликации, вклучително и од небанкарски даватели.
Тој посочи дека овие решенија директно ги засегаат најголемите препреки за малите трговци: високите трошоци за уредите за прифаќање на плаќањата, сложените процеси и недоволната флексибилност на постојните системи. „Со овие услуги, прифаќањето дигитални плаќања може да стане едноставно како примање порака на телефон“, нагласи Величковски.
Вицегувернерот ја нагласи и соработката со Светската банка во спроведувањето на реформите, вклучително и приклучувањето кон СЕПА и модернизацијата на платежната инфраструктура. „Целта е јасна, секој мал трговец во земјава да има можност да прифаќа дигитално плаќање без препреки, високи трошоци и сложени системи“, заклучи Величковски.
Текстот Вицегувернерот Величковски: Eдноставни и евтини дигитални решенија за поголемо прифаќање електронски плаќања кај малите трговци е превземен од МАКФАКС.