
Продолжува процесот на имунизација во Штип. Вакцинацијата со прва доза се врши во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“, а ревакцина се прима во Спортската сала „Јордан Мијалков“.
„За денеска, конкретно, имаме закажано околу 260 ревакцини со „Фајзер“, 380 ревакцини со „Синовак“ и со „АстраЗенека“ околу 40 вакцини.“, изјави Иле Постолов, заменик координатор за вакцинација.
Според медицинските лица, заинтересираноста на граѓаните е задоволителна. Сепак, мал е интересот за вакцинација со вакцината „Синовак“.
„Во моментов имаме доволен број на вакцини за да биде покриен интересот на граѓаните со тоа што сите луѓе коишто сакаат да се вакцинираат и немаат добиено термин слободно можат да отидат во просториите на Здравствениот дом и таму да бидат имунизирани со прва доза од вакцината „Синовак“.“, додаде Постолов.
Неофицијално, од петок ќе се врши вакцинација и со „Фајзер“, а „АстраЗенека“ вакцини засега има само за ревакцинација. Граѓаните, пак, се задоволни од начинот на кој се врши вакцинацијата и порачуваат дека сите треба да се вакцинираат.
Освен вакцинација со прва и втора доза на вакциналните пунктови, медицински тим од Штип врши и теренска вакцинација во штипските села.
„Продолжува и теренската вакцинација. Конкретно, утре нашите екипи ќе бидат на терен во Горачино, Пиперово, Лесковица и Брест.“, додаде заменик координаторот.
Според информации од Министерството за здравство, 58% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина. 55% од населението над 65 години имаат примено барем една доза вакцина. 50% од населението над 60 години имаат примено барем една доза вакцина и 40% од населението над 50 години имаат примено барем една доза вакцина. Досега се аплицирани вкупно 700.193 дози вакцини, а ревакцинирани се 259.894 граѓани.
Лаура Стојанова МНет