Бугари регистрирале фирма во Македонија со назив „Национална агенција за наплата“, инспекторите на терен

Приватна фирма со назив Национална агенција за наплата е регистрирана во државата во месец март годинава. Според јавно достапни информации фирмата е регистрирана од страна на правно и физичко лице, двете од Република Бугарија. Називот на самата фирма асоцира на државна фирма која носи заблуда кај граѓаните. Дали е дозволено приватна фирма во својот назив да го содржи зборот Национална, правашавме во Министерството за финасии. Министерката, Гордана Димитроска-Кочоска, при посетата во Штип истакна дека тоа не е дозволено и дека ќе следуваат проверки по однос на ова прашање.

„Во однос на дали може приватна фирма, секако не може приватна фирма да се вика Национална агенција. Контрола треба да направи државниот пазарен инспекторат, но ќе проверам за што станува збор“ – вели Димитриеска-Кочоска.

М-Нет телевизија одговор побара и од Централен регистер. Од таму посочуваат дека согласно Законот за трговски друштва дозвола се издава само ако во називот на приватно трговско друштво е содржан зборот „Македонија“, но не и зборот „Нацинална“.

„Согласно член 48 од Законот за трговски друштва е предвидено дека Министерството за правда издава дозвола само доколку во називот е содржан зборот Македонија и зборовите изведени од него како и неговите кратенки. Во Законот за трговски друштва нема забрана трговски друштва во приватна сопственост во називот да го употреби зборот Национална, ниту пак употребата на зборот Национална во називот на трговско друштво е условено со давање на согласност од надлежен орган.„ – велат од Централен регистер.

Само еден член претходно, односо во член 47 од Законот за трговски друштва стои дека Фирмата не може да содржи имиња, знамиња, грбови или други државни амблеми на други држави или на меѓународни организации без нивна дозвола, а не можат ниту да се имитираат во хералдичка смисла. Во став 2 од истиот член пишува дека Фирмата не може да содржи службени знаци на контрола и гаранција за квалитет. Согласно став 3 од член 47, Фирмата не може да содржи и зборови кои создаваат привид и мешање со фирма на друго друштво, име, односно назив на установа или друг субјект.

Во врска со употребата на зборот Национална во називот на регистрирана фирма во Македонија ќе бидат известени сите надлежни институции.

Лаура Стојанова М-Нет