
Брегалница утре на градскиот стадион во Штип ќе го одигра првиот контролен натпревар во рамки на подготовките за новата сезона која треба да започне на 23 август.
Штипските „сини“ формата ќе ја проверуваат со второлигашот Вардар Неготино, пријателскиот натпревар ќе започне во 17:30 часот.
За сите оние љубители на фудбалот, симпатизери и навивачи кои ќе сакаат да го проследат првиот контролен натпревар на Брегалница која сега ја води искусниот стратег Влатко Костов влезот ќе биде слободен.
Брегалница доби нов сопственик од Турција, нова управа и нов стручен штаб, целта на „сините“ ќе биде враќање во Првата лига, а за таа цел и се гради тим во кои се вклучени и штипските фудбалери кои се вратија и одново го облекоа „синиот“ дрес.
Новата сезона Брегалница ја започнува на домашен терен против Кожуф од Гевгелија, а тоа ќе биде дуел и на двата штипски тренери Влатко Костов и Иван Варадиновски.
Александар Ванев, М-Нет