Бесплатна психосоцијална поддршка за млади во ризик од употреба на дроги во Центар

Општина Центар, во соработка со Здружението ХОПС, обезбедува бесплатна психосоцијална поддршка за младите во ризик од употреба на дроги и за нивните семејства.

Во Дневниот центар за рехабилитација и реинтеграција на ХОПС, младите и нивните семејства добиваат стручна помош, советување и третман во безбедна средина, без осуда и стигматизација. Достапни се психолошка и психијатриска поддршка, помош од социјален работник, советување за пристап до здравствена заштита и остварување на социјалните права, како и информации за намалување на ризиците поврзани со употребата на дроги.

„Им порачувам на младите дека не се сами и дека имаат каде да се обратат. Понекогаш првиот и најважен чекор е разговорот и довербата во човек кој знае како да помогне. Тоа е и целта на овој проект – да дадеме стручна поддршка навреме, но и да делуваме превентивно, затоа што зависноста може да остави сериозни последици врз животот на младите и нивните најблиски“, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Од мај до август 2026 година, Дневниот центар го посетиле 71 корисник, при што се реализирани 274 посети и обезбедени 481 услуга. Фокусот е ставен врз младите и нивните семејства, со цел ризикот да се препознае навреме и да се спречи продлабочување на проблемот.

Покрај директната поддршка, преку овој проект се реализираат и активности за информирање и активно вклучување на младите во креирањето информативни и едукативни содржини за злоупотреба на психоактивни супстанции и штетните последици.

Текстот Бесплатна психосоцијална поддршка за млади во ризик од употреба на дроги во Центар е превземен од МАКФАКС.