Барања за фотоволтаици на земјоделски површини до трета класа одбива и Општина Карбинци

Општина Карбинци нема да одобрува барања за поставување фотоволтаици на земјоделски површини од прва до трета класа. Ваквата одлука на градоначалникот и дел од советниците во Советот е со цел заштита на земјоделците и плодната почва, но не е трајно решение, бидејќи одобрение може да се добие во институциите на повисоко ниво. Затоа градоначалникот, Виктор Паунов, апелира да се направат законски измени.

„Пред денешната седница на Советот на Општина Карбинци, советничката група предводена од ВМРО – ДПМНЕ и јас како градоначалник оформивме еден цврст став во однос на пренамената на земјоделското земјиште во градежно со онаа намена за фотоволтаични системи. Нашиот став е јасен, повеќе нема да се даваат согласности во врска со пренамената од прва до трета класа: Меѓутоа, Законот за земјоделско земјиште не ги ограничува оние инвеститори или сопствениците коишто ја продаваат земјата да си поднесат вакви иницијативи. Затоа ние како Локална самоуправа бараме да се донесат измени во Законот за да го заштитиме земјоделското земјиште“, истакна Паунов.

Најголема површина од индустриската зона во општина Карбинци е планирана токму за фотоволтаици. Општината досега има добиено барања за околу 20 мегавати вкупна јачина, па заедно со соларната електрана која Владата ја најави како стратешка инвестиција, карбинското поле ќе биде со капацитет од вкупно 100 мегавати. Во изминатава година прифатени се две барања, но ниту едно не е за земјоделско земјиште со повисока категорија од трета класа.

„Тие се во процедура. Во овој момент, од кога сум јас градоначалник, имам издадено две дозволи за такви инвестиции. Едната е на урбанизирана површина, во самата индустриска зона во атарот на селот Таринци, а другата е по пат на пренамена од земјоделско во градежно земјиште со пониска категорија од трета класа“, додава Паунов.

Претходно одлуката за одбивање барања за поставување фотоволтаици на плодни земјоделски површини дојде и од Општина Свети Николе. Таму градоначалникот и Советот одбиваат барања за пренамена на земјоделски површини коишто се до четврта класа.

Ребека Спасова М-Нет