АХВ ги демантира тврдењата на Џемаили дека директорот Миланов си поднел оставка по барањето на сточарите

Демант на утринската изјава на претседателот на Асоцијацијата на одгледувачи на овци, Насер Џемаили, дадена за М-Нет телевизија, дека директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, поднел оставка по барањата на сточарите, поради доцнењето на вакцините против овчите и козјите сипаници, денеска испратија од АХВ. Оттаму велат дека станува збор за лична интерпретација на настаните која не ја одразува реалната природа на кадровската одлука. Според Агенцијата, барањата на Асоцијацијата не влијаеле врз заминувањето на Миланов. Во демантот истакнаа, Џемаили да не си припишува значење и влијание.

„Ја информираме јавноста дека станува збор за лична интерпретација на настаните која не ја одразува реалната природа на кадровската одлука. Му порачуваме на господинот Џемаили да не си припишува значење и влијание што во конкретниот случај ги нема. Кадровските одлуки од ваков вид се прашање на лични, политички и институционални одлуки, во кои барањата на Асоцијацијата на сточари не се фактор, што ја определува нивната содржина или исход.

Оттука, обидите за прикажување на нивното барање како причина за заминување на директорот Миланов се неосновани и не придонесуваат за објективно информирање на јавноста.“, соопштуваат од АХВ

Дополнително оттаму, велат дека соработката со Асоцијацијата на сточари ќе продолжи и понатаму, како и досега, во интерес на сточарите и со единствена цел – навремено и соодветно справување со болеста сипаници кај овци и кози и заштита на сточниот фонд.

Велат дека Владата, Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерството за земјоделство, како и другите надлежни институции, располагаат со стручни и компетентни кадри кои континуирано работат на оваа проблематика и на изнаоѓање соодветни решенија за справување со болеста.

Иван Митев, М-Нет