
Натпреварите од 21. коло на Втората лига овој викенд наместо во сабота ќе бидат одиграни во недела поради репрезентативната пауза, а натпреварите од 24. коло на Првата лига ќе се играат еден во петок и пет во сабота.
Оваа рунда носи неколку интересни средби и неизвесни натпревари и за горниот дел и за долниот дел од табелата. Арсими на домашен терен ќе се соочи со Каменица Саса, која во пролетниот дел игра допадлив фудбал и има одлични резултати особено против фаворитите, како што беше убедливата победа од 4:0 над Брегалница и ремито дома со лидерот Македонија ЃП. Тоа за Арсими повеќе од знак на претпазливост и најава за неизвесен дуел. Двете екипи во своите редовите имаат најдобри стрелци, Андреј Симевски постигна 12 гола за Саса, а толку постигна иа Аљбин Рамадани за Арсими.
Екипата од Чегране нема право на грешка и цели кон три бодови, ако сака да ги следи водечките екипи во трката за место во Првата лига.
Башкими на домашен терен како апсолутен фаворит ќе игра против Вардар Неготино, квалитетот, домашниот терен и домашната публика се на страната на тимот од Куманово.
Беласица ќе сака втор триумф во низа и да фаќа приклучок кон горниот дел од табелата, а на домашен терен ќе игра против Новаци кој ќе бара излез од резултатската криза, бидејќи на последните пет натпревари собра само два од можни 15 бодови односно има учинок од две ремија и три порази, па веќе станува густо за тимот на Дарко Крстески во битката за сигурен и ран опстанок.
И во рамки на 21. коло ќе гледаме дерби од дното на табелата во Велес меѓу Борец и Осогово, трите бодови се императив и за двете екипи кои водат грчевите борба за опстанок. Борец со поразот во Богданци направи чекор назад во трката за директен опстанок, а против Осогово нема право да грешка со цел да не ја закомплицира работата и за баражот. Борец со 10 бодови е претпоследен или во зоната за директно испаѓање, а пак Осогово е во бараж зоната со 13 бодови.
На Градскиот стадион во Штип екипата на Брегалница ќе има незгоден противник ќе се соочи со Скопје, оваа ќе биде дуел на два поранешни прволигаши каде „пиратите“ од Автокоманда знаат да бидат незгодни противници и растеретени од било какви притисоци се во средината од табелата. Притисокот на овој меч ќе биде кај Брегалница која ги брка првите две места кои водат директно кон Прва лига, а со оглед на тоа што водечките екипи имаат полесно противници, Брегалница треба да дојде до три бодови и да има одново два бода негатива или да се надева на кикс на конкурентите па да избие на прво или второ место.
Горан Томовски нема да биде на располагање на тренерот Ристе Наумов, бидејќи има пет жолти картони и нема да настапи против Скопје.
Детонит Плачковица на домашен терен ќе бара прва пролетна победа, а ќе се соочи против Кожуф. Тимот од Гевгелија во Радовиш доаѓа без Сашо Дуков и Никола Сарески, кои поради пет жолти картони ќе го пропуштат мечот со Детонит Плачковица, а тоа за радовишани може да биде предност и да ја израдуваат радовишката публика на триумф на Градскиот стадион во Радовиш.
Лидерот Македонија ЃП против последнопласираниот Вардарски ќе бара рехабилитација враќање на победите, откако во претходното коло ремизираше во Македонска Каменица играјќи нула против Саса. „Лавовите“ немаат почеток на пролетниот дел каков што посакуваат и со тоа го загрозија не само првото место туку и борбата за Првата лига, бидејќи имаат ист број на бодови како и Башкими, а Брегалница од нив е на негатива од два бода.
Тимот од Ѓорче ќе биде голем фаворит против Вардарски и само победа ќе биде цел за „лавовите“ ако сакаат да го сочуваат првото место, а за Вардарски и реми би било позитивен исход.
Охрид на домашен терен ќе ја пречека Победа каде и двете екипи ќе бараат триумф после поразите во претходното коло. Победа има два порази во низа, а триумф им е потребен со цел да имаат комотна бодовна залиха во однос на опасната зона, а пак Охрид после големиот пораз од Башкими во претходното коло ќе бара триумф со кој би можел да избие на петтото место.
Натпреварите од 21. коло ќе започнат во 15 часот.
Александар Ванев, М-Нет