
„Ѕвездено небо во чест на Панчо“, вечерва во 20 часот во Штип. Граѓаните ќе се соберат на Градскиот плоштад за да му оддадат почит на Владимир Блажев – Панчо, кој вчера, по речиси седум месеци од трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани, им подлегна на повредите и почина.
Затоа, во негова чест, под отворено небо, Штип ќе застане во тишина и светлина за младиот човек кој зад себе остави неизбришлива трага меѓу пријателите, семејството и целата заедница. Настанот, организиран под мотото „Ѕвездено небо во чест на Панчо“, претставува симболичен гест на благодарност и сеќавање.
Повикот се шири масовно преку социјалните мрежи, со силна порака: „Небото да блеска како што Панчо блескаше со сите нас.“ Организаторите ги повикуваат сите – и оние што го познаваа, и оние што сакаат да изразат сочувство – да дојдат и заеднички да го осветлат небото во негова чест.
Инаку, Панчо е 63. жртва од пожарот во дискотеката Пулс, а околу 200 лица беа повредени и испратени на лекување во болници во странство.
Иван Митев, М-Нет