Продавачите на текстил револтирани бидејќи пазарот не е покриен, ќе има ли решение на проблемот?

И додека од една страна произведувачите и продавачи на овошје и зеленчук го искажуваат своето задоволство или не задоволство на пазарот во Штип за цените, побарувачката и потрошувачката, продавачите на текстил револтирани. И покрај тоа што плаќаат за поставување на своите тезги на пазарот, условите се многу лоши велат тие. Кога временските услови се непогодни и нивната работа е ставена под знак прашалник. Велат пазарот не е покриен па кога врне дожд не може да ја пласираат својата роба и покрај тоа што плаќаат.

„Доаѓаме на пазар ама како две тезги. Не е покриен пазарот, а со години плаќаме, ништо немаме обезбедено, ни од ветер, ни од дожд, ни од сонце. Снаоѓаме се со мушами, тече од сите страни“

Проблемот со градскиот пазар, негово уредување и покривање беше предизборно ветување на кандидатот за градоначалник од СДСМ и се уште актуелен градоначалник на Општина Штип, Сашко Николов. Но, по изборите во неделата на 17 октомври Штип доби нов градоначалник во првиот круг. Иако, официјално тој се уште не е седнат во градоначалничка фотелја одговор побаравме и од ВМРОДПМНЕ, дали градскиот пазар ќе биде покриен во нивниот мандат и покрај тоа што не се најде во изборната програма.

„Општина Штип ќе работи во интерес на сите и одлуките ќе ги донесува врз основа на анализи, разговори и непосреден контакт со граѓаните и правните лица. Ако истите бараат некоја нивна потреба да биде задоволена, се разбира, истата ќе биде ставена во листата на приоритети на Локалната самоуправа“ – одговорија од таму.

Дел од градскиот пазар во Штип е покриен пред 30 години и оттогаш се нема променето и реконструирано ништо.

Лаура Стојанова М-Нет