
Православната црква на божиќна литургија го одбележа Христовото рождество. Митрополитот Брегалнички господин Иларион во сослужение на свештенослужители од Брегалничката Епархија, отслужи Божикна Света Архиерејска Литургија во Епархискиот Соборен храм „Свети Никола“ во Штип. Православните верници на литургија го прославија раѓањето на Спасителот и меѓу себе ја раширија благата вест.
Пред почетокот на Светата Литургија, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, го произведе во чин ипоѓакон богословот Миле Тошев од Штип, а за време на Светата Литургија го ракоположи во ѓаконски чин.
На крајот од Литургијата Митрополитот произнесе пригодна беседа и го поздрави верниот народ со радосниот поздрав „Христос се роди! – Навистина се роди!“.
Денес верниците го слават втор ден Божиќ, кој е посветен на мајката Исусова. На вториот ден Божиќ се одбележува Собор на Пресвета Богородица, а овој празник оди заедно со неколку обичаи. Еден ден по раѓањето на Исус се собираат верниците и ѝ оддаваат почит на Богородица што го родила Спасителот на човечкиот род. Црквата утврдила веднаш после големите празници да се слават и учесниците во настанот што се празнува. Затоа токму по раѓањето Христово, Црквата ѝ оддава чест на Марија која е благословената жена што го прими Оној Кој го надвишyва сè она што е создадено.
Утре, на третиот ден од празникот Божиќ светата православна црква го празнува споменот на светиот архиѓакон и пpвомaченик Стефан.
Ребека Спасова М-Нет