
Од утре започнува етапното исплаќање на јануарските пензии, ама овој пат со новина дека истите ќе бидат зголемени за 2.9% согласно законското усогласување кое се врши два пати годишно во јануари и јули. Но за граѓаните во Штип ова покачување на пензиите речиси е незабележливо. Анкетираните штипјани согласни дека пензиите треба почесто и повеќе да се покачуваат, со оглед на фактот дека сите производи се со покачена цена.
„Ништо не се чувствува од покачувањето. А треба да биде повеќе покачена пензијата.“
„Нема ништо, колку е покачен за една кутија цигари. Цените на сите производи се покачија само пензиите одат надолу“
Инаку Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата:
За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 26.01.2022 година (среда);
За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 27.01.2022 година (четврток);
За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 28.01.2022 година (петок) и
За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 31.01.2022 година (понеделник).
Пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од 26 јануари (среда). Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања. Етапното процесирање на пензиите ќе овозможи спроведување на препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот, со оглед на тоа што пензионерите како возрасна група се најранливи.
Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми. Тие истовремено Апелираат до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, затоа што етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје.
Лаура Стојанова М-Нет