Пиење доволно вода, носење лесна облека и завршување на обврските пред пладне – клучни препораки за заштита од жештините

Пиење повеќе течности, носење лесна облека и завршување на обврските пред пладне, ова се дел од препораките на лекарите во деновите кога се најавуваат високи температури. Горештините го зголемуваат ризикот од дехидратација, колапси и топлотни удари, особено кај најранливите граѓани. Посебно внимателни треба да бидат хронично болните, повозрасните лица и бремените жени. Лекарите од Штип упатија апел излегувањето надвор да се сведе на минимум во периодот кога сонцето е најсилно. Предупредуваат дека непочитувањето на препораките може да предизвика сериозни здравствени проблеми.

,,Непотребно да не се изложуваат на виоските температури, значи оние обврски што морат да ги завршат, нека бидат во утринските часови, некаде максимум до 11 часот, секако со доволна хидратација, со заштита, лесна облека, капа и значително да се редуцира излегувањето надвор после 11,12 часот, до некаде 17 часот, кога најмног се чувствуваат високите температури. Хроничните пациенти ,кои што редовно имаат терапија како штои се кардиоваскуларно заболување, бремените жени, возрасните луѓе, да го одложат своето излегување надвор, затоа што можат негативно да влијае врз нивното здравје, чести сме сведоци на колапси, поради дехидратација, поради инсолација, односно топлотен удар, затоа штои несоодветно се заштитени, не соодветно хидратирани.“, вели Митрова

Кога се тргнува на пат или се поминува ден надвор на жешко, најдобро е да се тргне рано наутро. Со себе да се носи доволно вода и да се јаде полесна и проверена храна за да се избегнат проблеми со желудникот и дехидратација.

,,Значи да биде тргнувањето во утринските часови, со доволно вода сосебе, лесна храна, да консумираме проверена храна, да се избегнува пржени препарати на месо, ако не се подготвени дома и се на соодветна температура.“, додава Митрова

Граѓаните во голем дел ги почитуваат советите на лекарите и се трудат да се заштитат од жештините. Внимаваат на себе, пијат повеќе вода и избегнуваат да излегуваат кога е најтопло.

Во деновите пред нас се најавува период на високи температури, кои ќе достигнуваат и до околу 38 степени. Лекарите апелираат граѓаните да продолжат да се заштитуваат и да ги почитуваат препораките за време на жештините.

Иван Митев, М-Нет