Отстранети дел од одроните на автопатот Миладиновци – Штип, санацијата продолжува

Санирани дел од одроните на автопатот Миладиновци – Штип, се работи и на остатокот. Состојбата ја потврдија и од Министерството за транспорт и врски, од каде додадоа дека интензивно се работи на расчистување на автопатот.

Дека ќе се пристапи кон санација министерот Бочварски најави уште пред нешто повеќе од две недели. Рокот не го посочи, бидејќи постапката ја води ЈП за државни патишта.

Во меѓувреме, на овој автопат се возеше по една сообраќајна лента, се спроведе и тендерска постапка со цел да се најде изведувач на работите, а министерот Бочварски стоеше на ставот дека брзо решение, може да биде и штетно решение.

ЈП „Македонија пат“ ја увиде состојбата, па реагираше со своите расположливи капацитети и во рамки на можностите.

На автопатот во завршна фаза од изградбата се и двете патарини кај Кадрифаково и Преод, за кои Бочварски рече дека ќе бидат пуштени по санацијата на одроните.

Автопатот Штип – Миладиновци е автопат кој се направи последен во државата. Завршен беше во 2017 година, а пуштен во употреба во 2019 година.

Ребека Спасова М-Нет