
Осогово тргна со пораз во пролетниот дел на Втората лига, откако екипата на Крсте Крстев загуби на гостување во Неготино, каде на „Цвај арена“ беше поразен од Вардар Неготино со минимални 1:0.
Ова беше дерби од дното на табелата, дерби каде победата и трите бодови беа императив и за двете екипи. Горан Тодорчев, тренерот на Вардар Неготино за М Нет телевизија истакна дека е задоволен од одиграното, но и дека неговата екипа одиграла според договореното.
„Благодарност до фудбалерите најпрво, децата одиграа по тоа што се договоривме сите го дадоа максимумот и победата, ете како ќе дадеш максимум мора да те награди, а јас мислам дека заслужена е победата, што ја очекувавме и посакувавме од самиот почеток“, рече тренерот на Вардар Неготино, Горан Тодорчев за М Нет телевизија.
Теренот не беше за добар фудбал, тоа можеа да го видат и гледачите на М Нет телевизија кој имаа можност да го следат овој натпревар преку директен пренос. Немаше атрактивен фудбал, најчесто се избиваше топката, многу чести прекини особено во првиот дел. Давид Спасов го постигна голот во 45. минута за 1:0 на полувреме, а во вториот дел Вардар Неготино тргна одлично, имаше и пречка и неколку одлични шанси, а голманот на Осогово, Ѓорѓи Јованоски интервенираше во вистински момент и го држеше Осогово во игра барем за бод.
„Голем исчекор правиме со ова победа, како што ги гледаме и резултатите сите ни се во прилог, но ништо не е готово, ние се надеваме дека во следните три до четири натпревари да си го олесниме патот до опстанокот“, рече Тодорчев за М Нет телевизија.
Вардар Неготино со овој триумф е чекор напред кога е во прашање опстанокот, но сега Осогово е во деликатна ситуација каде практично ќе нема веќе право на грешки, за баражот и ако се укаже прилика за директен опстанок, со оглед на тоа што Вардар Неготино и Победа имаат бодовна залиха во однос на бараж зоната.
Осогово остнува во бараж зоната со осум бодови, но сега Борец му се доближи на негатива од два бода односно велешани имаат шест бода, Победа е на 13-тото место со 15 бодови, а пак Вардар Неготино сега изби на 12-тото место со 17 бодови.
Александар Ванев, М-Нет