
Задолжување со одложено плаќање за два проекта за Штип е одлуката која помина на денешната седница на Советот на Општина Штип. Со 14 гласа „ЗА“, четири „против“ и еден „воздржан“ советниците донесоа одлука за долгорочно задолжување на Општината, што треба да биде поднесено и како барање до Владата и ресорното министерство, а се однесува на проектите за бул. „Партизанска“ и конзоли на река Отиња.
„Станува збор два проекти: едниот е бул. „Партизанска“, којшто е небезбедно место во сообраќајот. Со проектот предлагаме поврзување на нас. Осми ноември со нас. Баби со целосно третирање на атмосферската, канализационата мрежа, со осветлување, со булеварско решение коешто ќе обезбеди безбеден проток на пешаци и на возила на потегот од населбата Осми ноември до населбата Баби. Таму е небезбедно место. Вториот проект е проектот за уредување на коритото на река Отиња со конзоли, се’ со цел да се прошират коловозните ленти во централното градско подрачје“, истакна градоначалникот Јорданов.
Предвидените услови за долгорочно задолжување се истото да биде домашно преку комерцијална банка, а каматата и амортизациониот план за отплата на кредитот кои ќе бидат понудени од страна на комерцијалните банки не треба да надминува повеќе од 4% на годишно ниво. Грејс периодот пред отпочнувањето на отплатата на кредитот треба да изнесува до три години од денот на задолжувањето, а отплатата ќе се врши во текот на пет години, без вклучен грејс период. Сепак, за ова потребно е да се добие согласност и позитивно мислење и од Владата и Министерството за финансии.
„Пред сѐ ние не знаеме дали ќе биде подигнат кредит, затоа што најпрво ќе побараме согласност од Министерство за финансии. Од каква банка ќе биде подигнат овој наменски кредит за реализирање на два клучни проекти, ќе зависи од тоа која банка ќе даде најповолни услови. За да можеме да ги исфинансираме со одложено плаќање, но притоа да не застанат тековните проекти, како асфалтирање на улици, уредување на тротоари и некои други активности коишто ние како Општина Штип ги имаме“, додаде Јорданов.
За проектот со булевар „Партизанска“ предвидени се околу еден милион евра, а за конзолите на река Отиња половина милион евра. Со ова кредитот кој Општина Штип би го зела од одредена комерцијална банка би изнесувал нешто помалку од 100.000.000 денари.
Ребека Спасова М-Нет