
На чекор до почетокот на новата учебна година, Министерката за образование и наука, Мила Царовска беше во посета на Основното училиште „Никола Карев“ во Пробиштип. Заедно со градоначалникот Анастасов и директорката установија дека и ова училиште е подготвено за почеток на учебната година со физичко присуство, кое според Царовска како сценарио е најдобро за учениците. Дополнително на ова и голем дел од наставниот кадар е вакциниран.
„Сакам да истакна дека во оваа општина е висок процентот на вакцинација кај наставниот кадар над 90%, тоа укажува дека и безбедноста на училиштето е на повисоко ниво. Сметам дека сите наставници кои не се вакцинирани до сега треба да се вакцинираат за да имаме што е можно по безбедно учење и подолг престој во училиште со физичко присуство“ – додаде Царовска.
Царовска додаде дека е среќна што продолжува традицијата на 01 септември учениците и наставниците се враќаат во училиштните клупи.
Директорката на училиштето Атинка Барјанова Стојчевска истакна дека покрај подгоотвки за успешен старт на наставата со физичко присуство, училиштето е подготвено и за спроведување на новите наставни програми.
За одвивање на наставата со физичко присуство одлуката е донесена на Владина седница, но доколку се влоши епидемиолошката слика на располагање има две резервни сценарија подготвени од претходно.
Лаура Стојанова М-Нет