
Во добра состојба е водостојот на реката Брегалница, според утринските мерења на долгогодишниот набљудувач Киро Маџунаров од Ново Село. Утрово нивото изнесува 68 сантиметри, што е просек за овој период од годината. Октомвриските врнежи од 84 литри на метар квадратен го зголемиле водостојот за цели 24 сантиметри. По сушните летни месеци, овој дожд донесе вистинско освежување за реката. Сепак, Маџунаров вели дека годината генерално се смета за сушна.
,,Последното мерење утринава во седум часот и 30 минути покажува 68 сантима, што е некое ниво просечно секоја година за овој период. Врнежите што беа во месец октомври, некаде 84 литри на метар квадратен. Имаше покачување на водостојот 24 сантима. Од 60 отиде на 84. Инаку можам да кажам дека оваа година што се однесува до врнежите, можам да речам дека е сушна годината. Иако зборуваме некое време, во мај месец дека имаше надпросечни врнежи 90 литри на метар квадратен за покасниот период, односно другите месеци јуни беше нула, јули беше шест, август беше 27, септември 13 литри на метар квадратен. Се вкупно 46 литри на метар квадратен. Октомври за разлика од сите овие месеци, тој беше надпросечен 84 литри на метар квадратен.“, рече Маџунаров
Според неговите децениски мерења на реката, најсушна година се покажала 2000 и 2011, кога врнежите биле нешто повеќе од 300 литри на метар квадратен. Најврнежлива досега е 2014 година.
,,Јас ќе ви кажам најслаба која е била 2000 та година, само 310 литри на метар квадратен годишно. Истата беше и 2011, додека најврнежлива година која била нешто невероватно скору 800 литри на метар квадратен, беше 2014.“, додава Маџунаров
Во наредните денови се најавени нови врнежи, кои според очекувањата, би можеле дополнително да го зголемат водостојот на Брегалница. Од Хидрометеоролошките прогнози велат дека се можни поројни дождови, особено кон викендот. Тоа, според долгогодишниот набљудувач Киро Маџунаров, би било добро за реката по сушниот период што ја зафати изминатите месеци. Тој секое утро внимателно го бележи нивото на водата, исто како и пред неколку децении кога започнал со мерењата. Со надеж дека и понатаму Брегалница ќе ја задржи својата мирна линија, Киро не ја пропушта ниту една зора покрај реката.
Иван Митев, М-Нет