Николовски: Правиме сè што можеме за да го поттикнеме домашното производство

Иако на терен земјоделците велат дека ќе престанат да ги обработуваат површините, министерот Николовски е со став дека интересот не е намален. Владата има Национален план за домашното производство во однос на кризата, потенцира Николовски, а дека дава резултат покажува фактот што производството на сончоглед е двојно зголемено.

„Правиме сѐ што може, предвреме, пред војната и пред оваа криза е усвоен Национален план со којшто се ставаат на располагање 13.000 хектари слободно земјиште и се склучени илјадници договори. Тоа не може да значи намален интерес. Ако бил намален интересот, нема да има трипати повеќе апликанти од кој било оглас. Тоа говори за зголемен интерес од фирмите, компаниите, земјоделците од фармерите да склучат договор. Го дуплиравме производството на сончоглед само за неколку месеца“, истакна Николовски.

Намалено домашно производство нема да има, уверува Николовски. Мерките коишто даваат резултат и понатаму ќе се спроведуваат. Целокупниот нов модел на субвенции ќе биде поврзан со обработливите површини за сите култури, како и дополнителни субвенции за стратешките култури, субвенции поврзани со самото производство.

Пораката којашто сака да ја пренесе Николовски е тоа дека субвенциите можат да го поттикнат домашното производство, а дополнително тоа да биде предадено кај домашни регистрирани преработувачи или откупувачи.

Ребека Спасова М-Нет