МТСП: Директорите во градинките или немаат доставено барања или барањата се со грешки

Дел од директорите на градинките не барале вработувања, друг дел изготвувале грешни табели, велат од Министерството за труд и социјална политика во врска со проблемот во градинките за недостиг на кадар. По вчерашната прес-конференција на градоначалниците на општините Штип, Свети Николе, Карбинци и Зрновци, кој рекоа дека до Министерството за труд и социјална политика се доставени барања за согласност за вработување на негувателки, воспитувачки и технички персонал, а одговор сѐ уште немаат, денеска се изјаснија и од МТСП. Во писмениот одговор од Министерството се вели дека градинката „Кокичиња“ во општина Карбинци досега има доставено барање само за директор и дека е обезбедено и доставено во градинката.

„Што се однесува за градинката „Бисерчиња“ во Општина Зрновци, имаат добиено од Министерството за финансии негативна согласност за готвач. На 10 август имаат доставено барање за еден негувател, еден готвач и еден магационер со грешна табела. Mејлот им е испратен на 30 август со укажување за табелата, до денес немаат постапено. Градинката ЈОУДГ „Вера Циривири Трена“ – Штип доставувала барања секогаш со грешни табели. Од наша страна секогаш им е давано укажувања. Последната грешна табела им е доставена на 20 април, за што повторно им е дадено укажување, за да конечно во јули достават комплетно барање со точна табела и од наша страна е испратено барање до Министерството за финансии на 12 јули, за што уште немаме повратен одговор од Министерството за финансии.“ – се вели во одговорот од МТСП.

Што се однесува за градинката „Астибо“-Штип, од ресорното Министерство велат дека градинката има добиено согласност за унапредување осум негуватели, четири воспитувачи и еден виш соработник секретар, како и за вработување на еден набавувач, еден градинар и еден хаусмајстор. Во писмениот одговор додаваат дека вработените од Министерството на директорите неколкупати им укажувале за грешните табели, а дел од нив биле повикани и на обука.

Ребека Спасова М-Нет