
Бункерот кој треба да се гради во Штип ќе се гради одделно од проектот за нова Клиничка болница. Ова денеска го соопшти Министерот за здравство, Фатмир Меџити, оти како што истакна само на таков начин проектот може да се реалзира. Во бункерот треба да биде сместен акцелераторот вреден милиони евра кој моментално собира прашина оти бункерот не е изграден.
„Од целиот Штип еден пациент, со тешки заболувања, да оди во Скопје да прима терапија и замисли на еден таков пациент да го возиш еден или два часа. Тоа е срамота. Немало волја, не знам зошто не го направиле но ние сме сериозни го поделивме бункерот за да го ставиме акцелераторот во функција“ – вели Меџити.
Меџити посочи дека во брзо време, најверојатно во февруари ќе биде распишан и тендерот за доградба на новата Клиничка болница. Вети дека ќе се знае точна дата кога проектот треба да биде завршен и дека секој кој ќе доцни дебело ќе плати.
„За брзо време ќе биде распишан тендерот за доградба и еднаш засекогаш да се доврши доградбата на болницата. Ова е голем ден што ја споделувам оваа вест со вас. Едвај чекам дента да го распишам тендерот и точно со дата ќе ви кажам и тој што ќе касни ќе плати дебело.“ – додаде Меџити.
Меџити го раскина договорот за изградба на новата Клиничка болница откако градежните активности на терен доцнеа, а со тоа беше стопирана и градбата.
Лаура Стојанова М-Нет