Македонскиот шампион Штип УГД загуби на дебито во Лигата на шампиони во Холандија од Орион Старс

Македонскиот одбојкарски шампион Штип УГД забележа пораз на своето деби во Лигата на шампионите, откако тимот од градот под Исарот кој го освои и Суперкупот на Македонија беше поразен со 3:0 во сетови од првакот на Холандија, Орион Старс.

Шампионот на Холандија ја оправда фаворитската улога откако првиот сет го доби 25:13, вториот со 25:19 каде штипјани пружија најголем отпор и третиот сет Орион Старс го доби со 25:17.

За Штип УГД кој испиша огромна историја изминатите сезони е огромно искуство настапот во Лига на шампиони.

Во редовите на македонскиот првак Стојан Илиев и Махди Задмард беа најефикасни со девет поени, а пак новото засилување Александар Љафтов запиша осум поени.

Штип УГД сега се насочува на реваншот кој е закажан за 28 октомври во салата „Џексон“ во Штип, каде тимот на Кристиан Ристески ќе се обиде да се прикаже во подобро светло пред домашната публика, која со сигурно ќе ја наполни салата и ќе дава силна поддршка.

Александар Ванев, М-Нет