
Кошаркарките на Патриот на домашен терен во Делчево ќе го пречекат тимот на Бадел, каде домашниот тим ќе бара излез од резултатската криза бидејќи домаќинот има четири порази во низа, во однос на Бадел кој ќе бара втора победа во низа.
Пролетниот дел Патриот го отвори со висок пораз од непоразениот лидер Крива Паланка, потоа следуваше висок пораз и од шампионот Баскет Кам, а во претходното коло висок пораз и од МЗТ Скопје, а 2024 година екипата на Патриот исто така ја затвори со пораз.
Сега пред тимот од Делчево ќе биде предизвик да се бара триумф против Бадел, домашниот терен и поддршката од публиката ќе биде предност за нив.
Дербито на колото ќе го одиграат Вардар и шампионот Баскет Кам, ова ќе биде соочување каде тимот од Македонска Каменица ќе ја има улогата на фаворит, а домашниот тим ќе се потпира на поддршката од публиката и домашниот терен.
Баскет Кам нема право на грешка, а веќе во следното коло ќе следува соочувањето со Крива Паланка во трката за титулата.
„Фенерџијата“ Пробаскет во Кавадарци ќе го пречека МЗТ Скопје, каде домашниот тим ќе ја бара дури првата сезонска радост, а пак МЗТ Скопје ќе атакува на триумф со цел да биде подобар во однос на тимот од Кавадарци.
Во рамки на 11. коло во Првата А лига слободна е екипата на Крива Паланка.
Во однос на 11. коло на Првата Б лига колото ќе се отвори денес со дербито покрај езерото на Охрид и Струга, дерби од капитална важност и за двете екипи. Охрид сака влез во Првата А лига, а пак и Струга е со истата цел да направи експресен „кам-бек“ во Првата А лига откако минатата сезона испадна од истата.
Утре екипата на Гостивар на домашен терен ќе се соочи со екипата на Шкупи, каде гостинот ќе биде фаворит за триумф против домашниот тим кој е „фенерџијата“ и нема позитивен резултат, односно седум порази од толку натпревари.
Слободни екипи ќе бидат Риниа и Спорт Тим.
Александар Ванев, М-Нет