Кошаркарите на Соколи одиграа одлично, но загубија во дербито до Маџари, тесни победи за Црн Дрим и Ангели, висок пораз за Борец!

Кошаркарите на Соколи го загубија дербито на 16. коло во Втората лига од Маџари со резултат од 73:77 во штипската сала „Јордан Мијалков“.

Иако штипскиот тим играше одлично во првиот дел од натпреварот и имаше константно водство, сепак на крајот Маџари успеа да го сврте резултатот и со тоа да дојде до победа. За Соколи ова е прв пораз на домашен терен, а веќе во следното коло штипјани ги очекува ново тешко дерби против нов конкурент а тоа е Ангели.

Црн Дрим забележа победа во улога на фаворит против Бутел на домашен терен со 82:78, а на тесна победа се израдува и Ангели откако славеше против Струмица со 64:69.

Борец загуби на гостувањето кај Водно Санс со висок резултат од 92:74, а пак Работнички 2018 загуби со три поени разлика од Мега Баскет со 75:78. Ланскиот прволигаш Охрид доживеа пораз од вториот тим на МЗТ Скопје со 95:88.

На табелата водечки се екипите на Ангели, Маџари и Соколи со по 29 бодови и тоа ветува една навистина интересна пролет, Црн Дрим е на четвртото место со 26 бодови, а на дното останува Работнички 2018 со 18 бодови.

Александар Ванев, М-Нет