
Ракометарите на Текстилец со фантастично второ полувреме, се вратија од минус 11 гола негатива, но на крајот загубија со 38:36 од Јехона во Гостивар, во рамки на 10. коло на Првата ракометна лига.
Јехона имаше одличен старт на мечот резултатска разлика која постојано ја надоградуваше и во 45. минута од средбата резултатот беше 29:18 за Јехона односно 11 гола предност. При ваква голема негатива екипата од градот под Исарот успеа да ја намали предноста и истата во целост да ја стопи за да дојде до 34:34 на две минути пред крајот.
Во финишот Селмани и Салиу реализираа за 36:34, а Јовановски заработи исклучување, па последните 57 секунди штипјани ги одиграа со играч помалку. Во финишот на мечот немаше сили Текстилец за комплетно изненадување и загуби со 38:36.
Адис Салиу беше прво име кај Јехона со 11 гола, а пак кај Текстилец Филип Џинес имаше 12 реализации, но не беа доволни за бодовите да заминат во Штип. Дефинитивно ова беше доста ефикасен натпревар со многу погодоци и голема борба за бодовите, а штипјани беа пред голем подвиг, но без сили за истото да има среќен крај.
Овче Поле на домашен терен загуби од екипата на Аеродром, а резултатот во Свети Николе беше 24:30, „фенерџијата“ Кичево немаше сили за Шампион и дома беше поразен од 22:36, а пак Македонија Ѓорче Петров со 32:20 го декласираше тимот на Преспа.
Младост го доби дербито со Драчево Јуниор, кој само во почетокот беше дерби, а потоа тимот од Богданци се разигра и го декласираше скопскиот тим со 38:26.
Прво име кај Младост беше Даниел Андоновски со 11 гола, а го следеа Зоран Стојановски со девет и Лазар Адамовиќ со седум погодоци, додека пак голманот Кристијан Костадиновски се истакна со 20 интервенции. Кај гостинот се истакна Ѓорги Дука со четири гола.
Натпреварот во Автокоманда меѓу Мулти Есенс и Партизан не се одигра, бидејќи гостинскиот тим од Гевгелија немаше доволни играчи на записникот односно немаше 12 ракометари според пропозициите за да го започне натпреварот. Овој меч е регистриран со службен резултат од 10:0 за домаќинот.
Младост останува единствениот непоразен тим и се наоѓа на врвот со максимални 18 бодови, втор е Мулти Есенс со 16 бодови, а по 14 бодови имаат Вардар неготино и Драчево Јуниор за делба на третата позиција.
Јехона сега се искачи на петтото место со 10 бодови, а толку има и Македонија ЃП која се искачи на шестото место, а пак Текстилец се спушти на седмото место.
Аеродром и Овче Поле со по осум бодови го делат осмото место, седум бодови има Партизан, два бодови имаат Преспа и Шампион, а на последното 13-то место со десет порази во низа е Кичево и на своето конто има минус еден бод.
Александар Ванев, М-Нет