
Фудбалските клубови активни на трансфер пазарот со цел засилувања во своите редовите за пролетната полусезона.
Брегалница остана без 24-годишниот Зоран Ивановски, кој по една полусезона си замина од штипскиот второлигаш и кариерата ќе ја продолжи во прволигашот Брера Струмица. Низ својата кариера струмичанецот беше дел и од Детонит Плачковица, Беласица и Брера, па за него тоа ќе биде враќање во позната средина.
Третолигашот Слога Виница за пролетниот дел од сезоната претстави два нови играчи. Се работи за искусниот 33-годишен Петар Љамчевски, како и за 22-годишниот Виктор Крстевски, кој доаѓа на позајмица од прволигашот Гостивар.
Љамчевски последно настапуваше во Австрија, а претходно беше дел од Пелистер, Вардар, Тиквеш, Гостивар, Силекс, Еуромилк ГЛ и Металург. Со неговото големо и богато искуство тој ќе биде големо засилување во тимот на Слога Виница.
Во тимот на штипскиот стратег Емил Грнев доаѓа и младиот Крстевски, кој во есенскиот дел беше дел од Брегалница како позајмен играч, а има настапувано и за Вардар и Пелистер.
Слога Виница во пролетниот дел лесно ќе го потврди првото место, па фокусот е на баражот за враќање во Втората лига.
Второлигашот Осогово од Кочани загуби на пријателски натпревар од третолигашот Аеродром со резултат од 2:1. За третолигашот стрелци на погодоците беа Александар Кажлески и Лука Недељковиќ.
Екипата на Осогово во пролетниот дел ќе биде пред тежок предизвик да избори опстнок во Втората лига.
Александар Ванев, М-Нет