Даниел Христов, Иван Костевски и Марио Ванчоски на прием кај градоначалникот Јорданов

Даниел Христов, Иван Костевски и Марио Ванчоски кои учествуваат на Олимпијадата по хемија денеска беа на прием кај градоначалникот Иван Јорданов. Тие се ученици во СОУ „Славчо Стојменски“ и учествуваат на олимпијадата „Менделеев“ која се одржа во Бразил.

  Во конкуренција од 192 учесници од 39 држави ширум светот, македонските ученици постигнаа извонреден успех, освојувајќи два бронзени медали.  Особено се истакна Марио Ванчоски, кој успеа да го освои еден од бронзените медали, со што уште еднаш го потврди научниот потенцијал кој го има Штип.  Градоначалникот Јорданов им ја честиташе наградата и постигнатиот успех, упатувајќи силна поддршка и охрабрување да продолжат по патот на науката и истражувањето. 

„Вашиот успех е доказ дека знаењето и научната љубопитност се најсилните алатки што младите ги имаат за да го променат светот околу себе. Учењето не е само пат до личен напредок, туку и до подобро општество. Продолжете да истражувате, да прашувате и да создавате – токму така се гради иднината што сите ја посакуваме“, истакна Јорданов.

Овој прием е само еден мал израз на благодарност и почит кон младите таленти, кои со својата посветеност и труд го претставуваат Штип и Македонија во најдобро светло на светската научна сцена.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет