ГКК Штип загуби од шампионот МЗТ, Работнички има осум од осум и со максимален ефект ќе гостува во „Џексон“

Кошаркарите на ГКК Штип го забележаа петтиот сезонски пораз откако загубија на гостувањето од шампионот МЗТ Скопје Аеродром со резултат од 96:74 во рамките на осмото коло на Суперлигата, а со тоа беше прекината серијата од три победи во низа на тимот на Марјан Србиновски.

„Штрковите“ во првите две четврти ја направија потребната разлика која ја донесе победата. 24:11 и 27:12 беше резултатот од истите, додека пак во третата подобар беше составот на Штип со 20:23, како и во четвртата со 25:28.

Лука Стојановски беше најефикасен кај МЗТ со 21 поен, пет скока и две асистенции. Војдан Стојановски запиша 16 поени, со одлични 4/6 во шутот за три поени, дополнети со пет асистенции. Николиќ оствари дабл-дабл учинок од 14 поени и 11 скока, Мекиќ имаше 13 плус четири асистенции и три скока, додека Тадиќ придонесе со 12 поени, четири скока и две асистенции.

Кај гостите од Штип, Пал беше најефикасен со 22 поени и четири скока, додека Хамилтон, Димчевски и Митев завршија со по 11 реализирани поени.

Ова беше шеста победа за МЗТ Скопје Аеродром во осум одиграни натпревари, додека ГКК Штип по осмиот настап има биланс од три победи и пет порази.

Пелистер ја прекината серијата од три порази во низа добивајќи го МКК Куманово пред домашната публика со резултат од 85:72. Кај Пелистер, Вилсон беше најефикасен со 16 поени, седум скока и шест асистенции. Кај МКК Куманово, Фундиќ оствари дабл-дабл учинок од 18 поени и 11 скока.

Струмица ја продолжи резултатската криза на четири порази во низа, откако загуби и од Кожув на домашен терен со 69:75. Гостинто дојде на ефект од четири – четири, домаќинот на две победи и шест порази.

Тимот од Гевгелија преку пресврт дојде до победата, благодарание на одличната последна четврта. Првата четвртина ја доби Струмица со 24:21, а втората заврши со 14:14. Во третата четвртина беше 17:11, а последната, пресудната, Кожув ја доби со 14:29. Клучен придонес за гостинскиот успех имаше стартната петорка на Кожув, во која сите петмина кошаркари завршија со двоцифрен број на поени. Во редовите на Струмица, Тарнер се истакна со 17 поени и седум асистенции.

Лидерот Работнички дојде до победа за осум од осум добивајќи го ТФТ со убедливи 104:84. Во сите четврти подобар беше непоразениот лидер. Виктор Ефремовски беше прво име во победничкиот состав со 29 постигнати поени, додека Дамјан Робев го заврши натпреварот со 17 поени. Кај ТФТ, Секоу Сила беше најефикасен со 26 поени, на кои им придодаде и импресивни 21 скок.

Скопје стигна до многу голема победа добивајќи го Тиквеш со тесни 97:94 на домашен терен за втора сезонска победа и ефект од два – шест, а пак Тиквеш има четири победа и четири порази. Паркер беше најдобар поединец кај Скопје со 24 поени, 12 скока и четири асистенции. Во гостинскиот состав најефикасен беше Волф со 27 поени.

Лидер на табелата со максимални 16 бодови е Работнички, МЗТ Скопје Аеродром е втор со 14 бодови, а пак МКК Куманово, Тиквеш, Кожув и ТФТ имаат по 12 бода позиционирани од третото до шестото место. Пелистер и Штип го делат седмото место со по 11 бода, на дното е Скопје и Струмица со по десет бода.

Во следното коло непоразениот лидер Работнички ќе гостува во „Џексон“ кај ГКК Штип, Кожув против Пелистер, МКК КУманово против Скопје на домашен терен, Струмица излез од резултатската криза ќе бара против ТФТ, а пак Тиквеш ќе има тешка задача со МЗТ.

Александар Ванев, М-Нет