ВМРО: Наместо обиколница, Штип има депонија! СДСМ: Обиколницата ќе е приоритет во следниот мандат!

Пред четири години владеачката парија ветила обиколница која ќе минува низ населбите Ново Село, Железничка и Пребег, но денеска таму има само депонија, истакна денеска кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Иван Јорданов.

„Ова е изворната програма за живот во којашто СДС пред четири години вети завршување на обиколницата, којашто минува низ населбите Ново Село, Железничка и Пребег. После четири години се наоѓаме на ова место каде што требаше да поминува обиколницата. Но наместо обиколница, денес гледаме дива депонија и смет. Се обврзуваме дека после промената на власта, ќе ја промениме оваа слика одовде и, конечно, ќе ја завршиме обиколницата, којашто ќе значи растеретување на сообраќајниот метеж и подобрување на комуникацијата на луѓето.“

Од СДСМ ова го оценија како уште еден очаен обид на опозицијата како и многупати до сега, да ја деградираат успешната политика на СДСМ.

„За нашите успеси говорат делата, во овој случај обиколницата кај која е завршена веќе првата фаза со изградба на мостот и улицата кои ги спојуваат населбите Пребег и Сењак.

Еден од приоритетните проекти во следниот мандат, кој е сè поизвесен дека ќе биде повторно предводен од СДСМ, е продолжување на обиколницата.

Со овој проект ќе се врши пренасочување на возилата кои доаѓаат од правец на стариот пат за Кочани, а се движат во правец на Радовиш, Струмица (или обратно) да го заобиколат централното градско подрачје, преку изградба на сообраќајница од кружниот тек на булевар „Гоце Делчев“,  да се излезе на мостот на река Брегалница кај бања „Кежовица“.

Со ова, сообраќајот ќе се пренасочи надвор од централното градско подрачје и ќе овозможи нормализирање на протокот од возила и намалување на аерозагадувањето.“- додадоа од СДСМ.

Лаура Стојанова МНет