Бурно по ремито во Валандово: Суспендиран теренот на Победа, отворени четири дисциплински постапки

Победа Валандово и Дојранско Езеро одиграа 1:1 во 10. коло од Третата македонска фудбалска лига – Регион 3, а случувањата по натпреварот донесоа суспензија на теренот во Валандово, парична казна за домаќинот и четири дисциплински постапки.

По седницата на комесарот за натпревари, теренот на Победа Валандово е суспендиран до донесување конечна одлука. Клубот доби и автоматска казна од 250 евра бидејќи натпреварот не бил снимен во континуитет, при што во одлуката посебно се посочени инцидентните моменти.

Против Победа Валандово е покрената дисциплинска постапка поради слаба организација на натпреварот. Постапка е отворена и против претставникот на клубот Иван Глигоров, како и против комесарот за безбедност Тихомир Кавчев поради физички контакт со судиите, како што е наведено во одлуката.

Четвртата дисциплинска постапка е покрената против претседателот на ОФС Валандово, Сашко Бајлозов, по пријава на службените лица. Според пријавата, Бајлозов влегол на теренот како лице без службена улога на натпреварот и упатил навреди, пцовки и закани за физичка пресметка кон службено лице.

Победа Валандово има амбиција да заврши на првото место во лигата. По ремито со Дојранско Езеро, валандовскиот клуб ја продолжува трката за врвот со суспендиран домашен терен, додека се чека конечната одлука.

Благој Серсемов – М Нет ТВ