
Делчево и понатаму е прва дестинација на бугарските посетители за пазарување. Нив најмногу ги има по бензинските станици, зелениот пазар, аптеките и стоматолошките ординации. И овој месец за време на празниците во Делчево сликата беше иста, каква што е и речиси секоја сабота, кога е пазарен ден. Жителите на делчевското село Ѕвегор, низ кое поминува патот кој води кон Бугарија и од Бугарија кон Делчево, велат дека бугарските посетители се постојано присутни во Делчево, а освен на пазар, одат и во делчевските локали.
Потрошувачката од страна на бугарските посетители има значително влијание врз локалната економија во Делчево. Нивната зачестеност е причина повеќе за во градот да се изградат и отворат сместувачки капацитети, маркети и угостителски објекти. Делчевчани велат дека Бугарите се одлучуваат да пазарат кај нас, бидејќи е поевтино, меѓутоа посочуваат дека тоа има и негативни ефекти за нив, зашто и во Делчево цените растат со зачестеноста на бугарските посетители.
Инаку, според извештај на Центарот за економски анализа, ефектите од потрошувачката на бугарските посетители за локалната економија во крајниот македонски Исток се најголеми во Делчево. Во јули минатата година биле повеќе од 5% од локалните приходи од даноци што ги собира Општината. Истиот извештај покажува дека во вкупниот промет на бензинските пумпи бугарските посетители учествуваат со помалку од 2% и тие трошат околу 250 евра месечно на бензинските пумпи. Во вкупниот промет на стоматолозите и амбулантите во Делчево имаат и до 20% удел во вкупниот промет, а едноставните пресметки илустрираат дека на зелените пазари бугарските посетители месечно трошат и до 2.400 евра.
Ребека Спасова М-Нет