
Фудбалерите на Брегалница во сабота ги очекува исклучително тешко гостување кај екипата на Новаци, во дуел каде само трите бодови се опција и за двете екипи на патот кон Прва лига.
Одличната серија на резултати му го отвори патот на Новаци да ги напаѓа позициите за Прва лига бидејќи од првото место има само четири бодови негатива, а од бараж зоната само два бодови.
Победникот од овој меч ќе има прогрес на табелата и од тука е притисокот за трите бодови. Новаци на овој меч ќе влезе и како благ фаворит бидејќи многу фактори се наклонети на негова страна – домашниот терен на кој Новаци игра фантастично, а тука пораз доживеа и Шкендија Арачиново, формата на тимот на Дарко Крстески е подобра од формата на „сините“.
Триумф за Брегалница ќе значи сериозен чекор кон првата позиција, а со оглед дека лидерот Охрид игра со Победа, а Шкендија Арачиново со Големо Коњари, во таков случај Брегалница ќе го следи нивниот чекор ако водечките екипи ги оправдат фаворитските улоги, а притоа Скопје на домашен терен игра со Осогово.
Пораз за Брегалница ќе значи дека може да заврши и на шестото место, ако Детонит Плачковица дома ја добие Беласица. Новаци со триумф сигурно ќе биде четврт, а во зависност од резултатите на водечките екипи може да биде трет, но и втор.
Со реми двете екипи ќе ги задржат позициите, Новаци петти, а Брегалница четврта, но ќе имаат поголема негатива од врвот, но ќе треба да се надеваат дека Детонит Плачковица нема да ја добие Беласица, бидејќи ако радовишани слават над струмичани, а има реми во Новаци, тогаш Детонит Плачковица ќе биде четврти на табелата.
Има многу комбинации од овој натпревар, а само три бодови ќе биде позитивен исход, особено за Брегалница која отворено најави влез во Прва лига, а пак Новаци од сенка влезе во таа битка за Прва лига и сега се отвара патот сериозно овој тим да конкурира за позиција која води кон елитата.
Александар Ванев, М-Нет