
Членовите на боречкиот клуб „Балканец“ со низа успеси зад нив и претстојни предизвици во тековната година. Од последното Европско првенство за пионери се вратија двајца натпреварувачи од „Балканец“, но клубот со свои натпреварувачи и успешни резулати се врати од уште најмалку пет европски и меѓународни првенства.
„Оваа година БК Балканец имаше доста напорни и интензивни настапи. Учествувавме на повеќе меѓународни и европски првенства. На меѓународни првенства бевме во Косово, Бугарија, Романија, Албанија и се вративме со доста позитивни и успешни резултати. Во изминатов период Владимир Егоров се врати од Европското првенство за сениори. Исто така имавме учество за кадети и кадетки на Европското првенство во Романија, таму учествувавме со двајца натпреварувачи, Стојанче Стојков и Марија Цветанова“, вели тренерот Горан Стојанов.
Задоволни од своите успеси се и членовите на клубот, но она на што сега се насочуваат се подготовките за следните натпревари за кои велат дека спортска среќа, многу подготовки и искуство е рецептот за успех.
Светското првенство во Италија е предизвикот за Анабела Данилова, која периодов напорно се подготвува за месецов и од таму да се врати со добар резултат.
„Овој месец ни е Светското првенство за кадети и кадетки кое ќе се одржи во Рим, Италија. Таму ќе имаме претставник од нашиот Боречки клуб, тоа е Анабела Данилова, во категоријата до 57 килограми. Работевме напорно, секојдневно по два тренинга. Се надеваме дека и овде ќе се претставиме достојно и очекуваме добар резултат“, додава тренерот Стојанов.
На Светското првенство во септември ќе заминат Митров и Егоров, а крајната цел на Боречкиот клуб е Балканското првенство за пионери и кадети, на кое очекуваат да го постигнат најголемиот резултат.
Ребека Спасова М-Нет