
Одржани предавања на тема „Биди другар, не биди насилник!“ во основните училишта во Штип. Претставници од Секторот за внатрешни работи Штип на учениците им ги објаснуваа различните видови насилства, а истите беа визуелно поткрепени со постери изработени од граѓанската организација ЕХО.
„Им благодарам на нашите инспектори, на членовите на СВР при Општина Штип, коишто несебично ја пренесуваат целата своја енергија и целото свое знаење да нашите деца, нашите ученици, нашите штипјани ги доловат сите оние моменти на сето она што е насилство за тоа каков тип на насилство може да следува, за да бидат запознаени, а од друга страна и на тој начин да се заштитат нашите најмлади и сите оние коишто може да бидат во каква било форма под какво било насилство“, истакна градоначалникот на о. Штип, д-р Сашко Николов.
„Во изминатиот период работевме на проект за млади заедно со учениците од основните и средните училишта, кои создадоа девет постери со различен вид на насилство. Овие постери денес го визуелизираат и надополнуваат предавањето на инспекторот со цел на учениците да им помогнат да го препознаваат насилството и да го спречат истото“, истакна волонтерката од ЕХО, Матеја Богдан.
Ваквите работилници и предавања се организираат само превентивно, со оглед на тоа што во општината не е забележано зголемување на случаите со врсничко насилство. Истите се само дополнителна едукација за децата во насока на правилен раст и другарување.
Досега се поминати четири основни училишта во Штип, а активноста е предвидена и за утре, кога завршното предавање ќе биде во основното училиште „Ванчо Прке“.
Проектов е дел од програмата за еднакви можности на Општина Штип за 2021 година.
Ребека Спасова МНет