Без нерви и трпение остануваат жителите на Косевица, претоварени камиони и трактори им го уништуваат патот низ селото

Без нерви и трпение остануваат жителите на каменичкото село Косевица, кои веќе речиси половина година секојдневно гледаат како камиони и трактори претоварени со дрва од опожарената борова шума го уништуваат патот низ селото. Велат дека покрај оштетениот асфалт, загрозена е и безбедноста на жителите, особено по неодамнешната несреќа кога приколка натоварена со дрва се откачила и удрила во гаража. За проблемот се обратиле и до градоначалничката и до надлежните институции, но велат дека досега не добиле конкретно решение. Револтирани од состојбата, бараат итна реакција од надлежните и трајно решение за проблемот што секојдневно го трпат.

,,Наназад пет, шест месеци имаме проблеми со камионите и тракторите кои вршат дотур на опожарена борова шума. Патот ни го уништија, пет, шест коли ми се пријавуваат дека се оставени. Пред четири дена се случи една голема несреќа, на трактор со 20 кубика дрва се откачи приколицата, отиде наназад 10 метри и удари една гаража. Информираме целата јавност да си превземе мерки, да ги стопира овие што ја носат оваа борова шума, нека си најдат црн пат алтернатива или нека си фатат тракторите да си заминат, бидејќи ги поминаа сите граници. Нема разбирање, бевме и кај градоначалничката, бевме и во полицијата и они се кажуваат некој нивни правила, така да стварно сме изреволтирани и не знамее повеќе што да правиме и каде да одиме.“, вели жителите

,,Бараме да ни се ослободе патот.“, додаваа жителите

Жителите бараат превозниците да престанат да го користат патот низ селото и да обезбедат алтернативен пристап за транспорт на дрвата. Доколку тоа не се случи и надлежните не преземат мерки, предупредуваат дека повеќе нема да дозволат тешките возила да се движат низ Косевица.

Во врска со случајот и состојбата со која се соочуваат жителите на Косевица, М-Нет телевизија побара став и од градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова. До емитувањето на прилогот, таа не одговори на нашите телефонски повици и пораки.

Иван Митев, М-Нет