
Полицијата лиши од слобода 56-годишен жител на делчевското село Град, кој бил затекнат при вршење незаконит лов во атарот на селото.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, настанот се случил на 20 ноември, околу 20 часот, кога полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Исток, по претходно добиени сознанија, извршиле проверки на терен.
При контролата на нива во атарот на селото Град, полицајците го затекнале А.А. (56) додека вршел незаконит лов. Според информациите од полицијата, тој користел ловечко оружје кое било приспособено за ноќно ловење.
При личниот преглед кај него биле пронајдени и одземени патрони со калибар од 12 милиметри, како и чаура од испукан патрон со истиот калибар. За оружјето и муницијата лицето поседувало дозвола.
За случајот бил известен јавен обвинител, а од МВР најавуваат дека по целосното документирање на настанот ќе следува соодветна пријава.