Скопје ја дочека првата победа: Арсими падна во Автокоманда

фото: архива

Скопје во 14. коло ја запиша првата сезонска победа во Првата македонска фудбалска лига. Тимот на штипскиот стратег Иван Варадиновски го совлада Арсими со 2:1 во Автокоманда и освои важни три бода во директниот дуел меѓу две екипи од долниот дел на табелата.

Арсими прв се закани посериозно. Во 30. минута Наумовски го одбрани обидот на Гаје, а гостинскиот фудбалер веднаш потоа ја погоди стативата. Скопје ја искористи својата шанса во 41. минута. Брдаровски нафрли, Гордиќ биеше со глава и домаќините заминаа на пауза со предност од 1:0.

Гордиќ беше во акција и при вториот гол. Во 52. минута проби по левата страна и го проигра Гроздановски, чиј удар го смени правецот откако топката го закачи Зука и заврши во мрежата за 2:0.

Во 68. минута Гордиќ имаше шанса за трет гол на Скопје, а веднаш по неговото промашување Арсими се врати во натпреварот. Нововлезениот Мустафа му побегна на Брдаровски и по нафрлувањето на Рамадани со глава намали на 2:1.

Гостите до крајот притискаа за израмнување, но одбраната на Скопје ја сочува предноста. Со првата победа сезонава, тимот од Автокоманда ја прекина негативната серија и освои значајни бодови во борбата за опстанок.