Македонија немоќна против Словенија, пораз и на домашен терен!

Македонската фудбалска репрезентација со пораз од 0:3 го заврши дуелот против Словенија во последниот натпревар од Лигата на нации, а гостите стигнаа до заслужена победа.

Словенците до водство стигнаа во 29. минута, кога по одличната асистенција на Жан Випотник, Данијел Штурм се најде во добра позиција и прецизно ја смести топката во левиот агол од голот на Столе Димитриевски за 0:1.

Во второто полувреме избраниците на Гоце Седлоски тргнаа со неколку измени, а Македонија конечно покажа поголема офанзивна иницијатива. Најголемата можност за намалување на резултатот ја имаше Љупче Дориев во 52. минута, кога се најде во одлична позиција, но словенечкиот голман Јан Облак со фантастична интервенција го спречи неговиот обид.
Претходно, Дориев се закани и во 50. минута, но Облак повторно беше на висината на задачата. Во 60. минута и Енис Барди се обиде со удар од работ на шеснаесетникот, но шутираше директно во словенечкиот голман.

Казната за неискористените шанси пристигна во 66. минута. По изведен корнер, Жан Випотник ја префрли топката, а Давид Зец од непосредна близина ја смести во мрежата за водство на Словенија од 0:2.

Во 90+1. минута Данијел Штурм повторно ја затресе мрежата на Македонија, со својот втор гол на натпреварот зголемувајќи го водството на Словенија на убедливи 0:3.
Македонија се обидуваше да се врати во натпреварот, но без посериозна закана за голот на Облак. Словенците рутински ја контролираа предноста и ги однесоа трите бода.