
Екипата на Штип продолжува со одличните настапи во Суперлигата. Пред својата публика, штипјани го совладаа актуелниот вицешампион Скопје со 103:94 и ја забележаа третата победа по ред во домашното првенство.
Решавачките моменти се случија во последната четвртина. По израмнетите први триесет минути и резултатот 73:73 на стартот од завршниот период, домаќините направија серија од осум поени, со која се одлепија резултатски и го презедоа целосно контролата врз натпреварот.
Скопје не успеа да најде одговор на налетот на Штип, па бодовите останаа во домашниот табор.
Најефикасен во победничкиот состав беше Јоркол Пел со 38 поени, на кои придодаде пет асистенции и четири скока. Камерон Хамилтон го следеше со 18 поени.
Кај гостите, одлични индивидуални настапи имаа Колин Паркер, кој оствари дабл-дабл учинок од 29 поени и 14 скока, како и Камерон Џонс со 23 поени и 11 асистенции, но нивниот ефект не беше доволен за да се избегне поразот.
Со оваа победа Штип стигна до биланс од три победи и четири порази по седум одиграни кола и се искачи на шестото место на табелата. Скопје, пак, продолжува со резултатската криза и со само една победа и шест порази останува на последната позиција.(КФМ)