
Штип вечерва ќе биде во знакот на репрезентативната кошарка! Женската кошаркарска репрезентација на Македонија ќе ги одмери силите со Естонија во спортската сала „Џексон“, а влезот за сите љубители на кошарката е слободен, меч во рамките на претквалификациите за Евробаскетот 2029 година. Македонските репрезентативки ќе имаат можност да настапат пред полни трибини и со силна поддршка од штипската публика, која и овојпат може да биде дополнителен мотив во борбата за позитивен резултат. Штипјани имаат и посебна причина да ја наполнат салата – во македонскиот состав е нивната сограѓанка Ива Колева. Настапот на штипската кошаркарка во националниот дрес е дополнителен повод љубителите на спортот да дојдат во „Џексон“ и да ја поддржат репрезентацијата. Дуелот против Естонија е нов предизвик за македонските кошаркарки, кои ќе се обидат со борбена и пожртвувана игра да стигнат до посакуваниот резултат, по поразот од Романија во гости во првиот меч. Вечерашниот натпревар е можност Штип уште еднаш да покаже дека знае да живее за спортот, а исполнетите трибини да бидат силен ветер во грбот на нашите репрезентативки. Натпреварот меѓу Македонија и Естонија започнува во 18 часот.
Александар Ванев, М-Нет