
Охрид се одвои на врвот од табелата во Втора лига, станува густо за позициите кои водат кон Прва лига, во долниот дел на табелата се направи првата разлика, Осогово и Еуромилк ГЛ во трка да освојат бодови за опстанок.
Од 11-тото коло најмногу добија Охрид и Работнички, „рибарите“ имаат 28 бодови и направија три бода разлика во однос на Пелистер кој ремизираше во Гевгелија против Кожуф играјќи 1:1. Од киксот на битолчани најмногу доби и Работнички бидејќи „романтичарите“ имаат само бод помалку од Пелистер, а имаат и меч помалку кој доколку го добијат ќе избијат на второто место и ќе го поминат Пелистер.
Брера Струмица е четврта со 18 бодови и ја држи во „живот“ одложениот меч со Работнички, кој доколку струмичани го добијат тогаш ќе се доближат до позициите за Прва лига, а во такви околности Пелистер ќе биде најсреќен.
Камјани е петти со 17 бодови, а пак Тетекс и Беласица со по 16 бодови го делат шестото место на табелата, а Кожуф се зацврсти на средината со 14 бодови како осми.
На делба на деветтото место се Македонија ЃП и Детонит Плачковица, две екипи кои во следното коло ќе играат меѓусебно, а победникот од тој дуел ќе има повеќе од момент за славје, бидејќи ќе побегне сериозно од опасната зона. Новаци е на 11-тото место со 11 бодови плус четири од опасната зона каде што се Еуромилк и Осогово кои го делат 12-тото место со по седум бодови.
На дното останува Шкупи како единствен тим без бодови и веќе станува јасно оти ланскиот прволигаш од Чаир оди кон испаѓање во Трета лига.
Александар Ванев, М-Нет