Пелистер на колена пред ГКК Штип – штипјани слават голема гостинска победа!

ГКК Штип приреди вистинска кошаркарска радост, откако славеше на жешкото гостување во Битола против Пелистер со 87:92, во рамките на Суперлигата.
Штипјани покажаа карактер, самодоверба и квалитет, па од Битола се враќаат со исклучително важни бодови, по натпревар во кој во најголем дел имаа одговор на играта на домашниот состав.

Штипјани уште од самиот почеток најавија дека не се дојдени во Битола со бело знаме. Првата четвртина ја добија со 24:21, а со уште поубедлива игра во вториот период (24:17) на полувремето заминаа со предност од 48:38.
Пелистер се обиде да се врати во продолжението, ја доби третата четвртина со 22:19, а во последните десет минути следуваше вистинска драма. Битолчани притиснаа, но ГКК Штип не дозволи целосен пресврт и со 25:27 во последниот период ја потврди големата победа од 92:87.
Во победничкиот состав блескаше американското засилување Ленгстон Лав со 19 поени, додека Џеј Пал оствари фантастичен дабл-дабл учинок од 15 поени и 11 скока. Кристијан Хамилтон, исто така, имаше значаен придонес со 20 поени, а Андреј Костоски додаде важен придонес во играта на штипјани.

На спротивната страна, кај Пелистер најефикасен беше Никола Кочовиќ со 24 поени, додека К. Вилсон постигна 17.
Посебно внимание заслужува и шутерската реализација на ГКК Штип, кој погоди 12 тројки од 26 обиди, односно одлични 46 проценти. Штипјани беа подобри и во скок-играта со 34 наспроти 28 скока на домаќинот.
Ова е победа што има тежина и испраќа јасна порака дека ГКК Штип има што да покаже во овогодинешното издание на Суперлигата. Да се слави против Пелистер на негов терен, пред полна сала, е резултат за почит.