
Големо признание за младата кошаркарка која потекнува од школата на ЖКК Тим Арена од Штип, Ива Колева, која по настапите во младинските национални селекции до 16 и 18 години доби повик и за сениорската репрезентација на Македонија.
Од младинските репрезентативни селекции до повик меѓу најдобрите кошаркарки во државата. Ива Колева продолжува да го гради својот пат во кошарката, а нејзиното вклучување во сениорската национална селекција претставува големо признание за нејзиниот досегашен труд, посветеност и напредок.
Радоста и гордоста не ги криеја ниту од клубот, ЖКК Тим Арена од Штип, од каде што го поздравија повикот и истакнаа дека ова е потврда оти со многу работа, дисциплина и упорност може да се стигне до големи успеси.
Колева веќе беше дел од репрезентативните селекции до 16 и 18 години, а повикот во сениорскиот национален тим е нов чекор напред во нејзината кариера. Воедно, ова е и мотив за останатите млади кошаркарки во клубот дека посветеноста и љубовта кон спортот можат да донесат значајни признанија.
Од Тим Арена упатија честитки до својата кошаркарка, посакувајќи ѝ многу успеси, нови победи и незаборавни моменти во дресот на македонската репрезентација.