Пијани зад волан во Каменица и Делчево, малолетник без дозвола во Пробиштип

Тројца возачи биле санкционирани по спроведени сообраќајни контроли во Пробиштип, Македонска Каменица и Делчево, при што кај двајца од нив било утврдено присуство на висока концентрација на алкохол во крвта, додека третото лице било 16-годишен малолетник кој управувал мопед без да се стекне со право на управување.
На 26 септември во 20:40 часот, полициски службеници од ОВР Пробиштип, во присуство на родител, извршиле службен разговор со 16-годишен малолетник од село Приковци, кратовско.
Малолетникот бил запрен при сообраќајна контрола на улицата „Јордан Стојанов“ во Пробиштип, додека управувал мопед „априлиа“. При контролата било констатирано дека го управувал возилото пред да се стекне со право на управување моторно возило.
За случајот бил известен јавен обвинител, а по целосното документирање ќе следува соодветна пријава.
Во Македонска Каменица, пак, на 27 септември во 01:46 часот, полициски службеници од Полициското одделение Македонска Каменица го лишиле од слобода Г.И. (31) од село Дулица.
При сообраќајна контрола на улицата „14 Јуни“, тој бил запрен додека управувал патничко возило „ауди“. Алкотестирањето покажало 2,17 промили алкохол во организмот.
Само половина час претходно, во 01:15 часот, сличен случај бил регистриран и во Делчево. На булевар „Македонија“, полициски службеници од ОВР Делчево го лишиле од слобода О.В. (27) од Македонска Каменица.
Тој бил запрен при сообраќајна контрола додека управувал „ауди“ со регистарски ознаки од Македонска Каменица, а при проверката било утврдено дека возел под дејство на алкохол. Кај него биле измерени 2,10 промили алкохол во организмот.
За двата случаи со возачи под дејство на алкохол бил известен јавен обвинител, а по целосното документирање на настаните ќе следуваат соодветни пријави.