
Решени да ги остават нивите, да ја продадат механизацијата и да си заминат во странство. Вака дел од земјоделците од штипско ја искажуваат тежината со која се соочуваат поради доцнењето на субвенциите и се повисоките трошоци за производство. Велат дека со ваква сметка, пченицата и јачменот веќе не им носат сигурна заработка. Некои размислуваат следната сезона воопшто да не сеат, а други велат дека земјоделството повеќе не им остава доволно за да продолжат да живеат од него. Од Асоцијацијата на земјоделци велат дека субвенциите се очекува да бидат исплатени по ребалансот на буџетот.
,,Не знам земјоделците се разочарани, што ќе очекуваат, не знам, некои дури планираат да не продолжат со сеењето на јачмен и пченица да речеме. Па субвенциите се уште не се добиени, меѓутоа многу скоро треба да бидат пуштени, сега нели после ребалансот, рекоа дека требат да бидат исплатени.“, вели Серафимов
Земјоделците годинава мака мачат и со откупната цена на пченицата и јачменот. Од Асоцијацијата на земјоделци велат дека производната цена е околу 18 до 19 денари за килограм, а откупната едвај стигнува до 10 денари.
,,Оваа година према приносите, излегува производната цена е околу 18 до 19 денари за јачменот и пченицата, а го откупуваат по 10 денари. Моментално не, се откупува по таа цена и тоа однесена во млин, или продадена на откупувачите. Некои го чуваат, меѓутоа повеќето продаваат затоа што треба да се плате комбајн, да се почне да се оре на ново, субвенциите каснат.“, додава Серафимов
Сега земјоделците чекаат да легнат субвенциите, за да можат да ги покријат трошоците и да продолжат со работа. Велат, ако нема навремена помош, тешко ќе се решат повторно да сеат пченица и јачмен.
Иван Митев, М-Нет