
Деветтото коло на Трета лига – Исток донесе многу погодоци, на сите пет натпревари беа постигнати погодоци, а најмногу имаше во Дојран, каде покрај езерото беа постигнати десет погодоци, за тешка победа на Овче Поле од 4:6 над Дојранско Езеро.
Гостинот остана со играч помалку на теренот, откако голманот на тимот од Свети Николе заработи црвек картон, но успеа да триумфира и трите бодови да заминат на контото на Овче Поле, Дојранско Езеро го запиша седмиот пораз.
На дуелот меѓу Карбинци и Брегалница Делчево немаше победник, двете екипи ги поделија бодовите во доста неизвесен меч. Гостинот прв го отвори резултатот за водство од 0:1, а потоа Карбинци успеа да израмни и со тоа да ги поделат бодовите, откако двете екипи одиграа 1:1.
Светлост од Зрновци останува единствениот тим кој нема триумф, откако загуби на тешкото гостување кај поранешниот прволигаш Хоризонт Турново со 4:1. Сосема очекувана беше победата за домаќинот, кој продолжува да го напаѓа првото место.
Екипата на Победа Валандово останува непоразен лидер во Трета лига – Исток, откако во Струмица славеше убедлива победа од 1:6 над Тиверија. Домаќинот немаше можност да парира, а одличниот гостин уште во првиот дел го реши мечот кога постигна три гола за солидна предност на полувреме.
Во Берово голот на Александар Тенекиџиев го реши победникот – трите бодови заминаа во Пирава, откако Ударник со минимални 0:1 славеше над Малеш.
Екипата на Рудар од Пробиштип ова коло беше слободна.
Победа Валандово со 22 бодови е непоразен лидер на табелата, Ударник е втор со 19 бодови, а со по 16 бодови Хоризонт Турново и Овче Поле го делат третото место.
На 5-та позиција е Карбинци со 13 бодови, а пак Брегалница од Делчево е шестото место со 12 бодови. Во долниот дел нема промени. Рудар е седми со осум бодови, Тиверија е осма со седум бодови, а по четири бодови имаат Малеш и Дојранско Езеро за делба на деветтата позиција, на последното 11-тото место е Светлост Зрновци со три бодови и без победа.
Александар Ванев, М-Нет