Штип УГД е во големото финале – реприза на ланското Куп финале против Струмица, штипјани со организиран бесплатен превоз за финалето во Радовиш!

ФОТО: Александар Ванев, М-Нет телевизија

Одбојкарите на Штип УГД се пласираа во финалето од Купот на Македонија, каде ќе се соочат со Струмица што ќе биде реприза на ланското Куп финале.

Двете екипи беа максимални во полуфиналните натпревари и лесно стигнаа до големото финале. Во првото полуфинале екипата на Штип УГД со 3-0 во сетови го совлада Работнички, а пак Струмица исто така со 3-0 во сетови го совлада Борец.

„Натпреварот го добивме во наша полза 3-0, победа си е победа посебно со ваков максимален резултат. Освен првиот сет можам да кажам во останатите два сетови, вториот и третиот Работнички го пружеше онаа што јас го очекував на почетокот. Нормално, морам да напоменам дека доста технички грешки имаше од наша страна, но не и дека и од нивна. Секогаш натпреварите против Работнички биле тешки и за нас како клуб, така што иако сметам дека повторно они не го дадоа нивниот максимум дури и на овој натпревар. Но, ете имавме ние поголема концентрација во финишот на сетовите и тоа е тоа што прави разлика на вакви натпревари, на вакви натпреварувања и мислам дека заслужено добивме со 3-0“, рече тренерот на Штип УГД, Кристиан Ристески за М Нет телевизија.

Одбојкарскиот клуб Штип УГД информираше дека ќе има организиран превоз за публика и поддржувачи со три автобуси за финалето. Поаѓањето ќе биде утре, сабота во 17:30 часот на постројката пред Домот на култура во Штип. Влезот во салата е 100 денари.

Големото финале меѓу Штип УГД и Струмица е закажано за утре, сабота со почеток од 19 часот, а се игра во СРЦ „25 Мај“ во Радовиш.

Александар Ванев, М-Нет