
Емотивна победа за кошаркарите на Соколи, откако со 87:80 триумфираа над Црн Дрим од Струга во рамки на 19. коло, победеа посветена на настраданите во големата трагедија во Кочани, победа посветена за Дамјан Танески, големиот фудбалски талент, голманот од Штип, кој за жал го загуби животот во страотниот пожар во дискотеката во Кочани.

Многу солзи, емоции, тишина, грмогласен аплауз за оддавање на почит кон 59-те жртви од големата трагедија во Кочани.
Натпреварот во Штип започна со минута молк, влезот беше слободен, а беше поставена и кутија за донации за помош на настраданите од трагедијата во Кочани. Кошаркарите и на двете екипи излегоа со црни маички на теренот во знак на почит, публиката беше исто така во црни маички со слика на Танески, во знак на оддавање на почит кон младиот спортист.

Соколи играше во чест на трагично настраданите и повредените, одигра одличен натпревар стигна до важна и голема победа на патот кон Првата лига и победата ја посвети на сите настраданите во Кочани.

Соколи стигнаа до 15-тото сезонско славје, а во следното коло ќе гостуваат кај вториот тим на МЗТ Скопје на гостински терен.

Александар Ванев, М-Нет